Музејот на Албанската азбука
Музејот на Албанската азбука
Музејот на Албанската азбука

Музејот на Албанската азбука

Градска Прошетка 374 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Музејот на албанската азбука се наоѓа во објектот во кој бил одржан Битолскиот конгрес во 1908 година, а кој имал за цел стандардизирање на албанската азбука. Градбата е лоцирана покрај реката Драгор, на булеварот „Први мај“ бр. 25.
Иницијативата за свикување на конгрес за создавање на една единствена албанска азбука, ја презел клубот „Башкими“ од Битола, кој ја имал главната улога меѓу албанските клубови. На 27 август 1908 година, по одлуката донесена уште на 21 август, раководството на клубот „Башкими“ од Битола го објавило својот повик, со кој ги известило сите клубови и друштва, во и надвор од Албанија, за предлогот за организирање на Конгрес за азбуката, на 14 ноември 1908 година.
Како резултат на големата подготвителна и организациона работа, која ја спровеле битолскиот и другите албански клубови и друштва, на 14 ноември 1908 година во Битола, во зградата каде што било сместено седиштето на клубот „Башкими“, се одржал Конгресот за изедначување на азбуката на албанскиот јазик, кој ја продолжил својата работа сѐ до 22 ноември. Пред Конгресот во Битола, албанскиот јазик бил претставен како комбинација од шест или повеќе различни азбуки, со бројни подваријанти.
На Конгресот зеле учество 32 делегати со право на глас, кои ги претставувале 26-те градови и различни албански друштва, во и надвор од Албанија. Претседателството на Конгресот било во состав: претседател на Конгресот – Митат Фрашери (Лумо Скендо), потпретседатели – Луиѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Ќириази, секретари – Хил Моси, Тома Аврами, Нужет-беј Вриони. На седницата на третиот ден (16 ноември), која била резервирана само за делегатите на Конгресот, се формирала една комисија од 11 члена, во која учествувале претставници на истанбулската азбука, на друштвото „Башкими“ и на друштвото „Агими“, публицисти и познати интелектуалци. Решението на Битолскиот конгрес за азбуката било објавено на отворена седница на 20 ноември (седмиот ден на Конгресот). Комисијата донела одлука за создавање на албанската азбука на 22 ноември 1908 година, која ја потпишале сите присутни делегати на Битолскиот конгрес.
Денес, 22 ноември се одбележува како државен празник во Албанија, Косово и Македонија, а во Битола објектот во кој се одржал конгресот е претворен во музеј. Музејот на албанската азбука е отворен на 22 ноември 2012 година и во реконструираниот ентериер се сместени фотографии, документи и восочни фигури преку кои се афирмираат преродбеничките, културолошките и напредните движења на албанскиот народ.
Сподели: Facebook Twitter