Куќата на Мијал Налбато
Куќата на Мијал Налбато
Куќата на Мијал Налбато

Куќата на Мијал Налбато

Градска Прошетка 397 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Мијал Налбато, позната и како „Бродот“ поради нејзиниот изглед, е објект кој се издвојува од другите куќи во нејзина близина. Таа е една долга, но тесна градба, со карактеристична жолта боја и многу симпатична разиграна фасада.
Куќата на Мијал Налбато се наоѓа во населбата Јени маале (или Гинимаале). Изградена е покрај реката Драгор, на местото каде што се спојуваат булеварот „Први Мај“ и улицата „Паралова“. Денес нема податоци кога била изградена куќата и кој бил нејзин прв сопственик.
Објектот има приземје, подрум и еден кат. На задната страна има авлија од каде се влегува во куќата. Над влезната врата има балкон кој од едната страна се потпира на столб. Предната фасада на куќата е повпечатлива. На оваа страна се наоѓа малото балконче со тесната врата и тесните профилирани прозорци. Над вратата изведена е лунета во форма на лепеза, а пак над неа се издигнува шилестиот фронтон. Овие два елементи го дефинираат скромниот раскош на фасадата.
Во првата половина од 20 век, во куќата живеел Михаил Димовски, попознат како Мијал Налбато. Неговиот прекар доаѓа од неговиот занает. Тој бил налбат, односно потковувач на работен добиток (коњи, маски, магариња). На почетокот тука живеел под кирија, заедно со својата жена Христина и своите пет деца. Мијал поседувал и дуќан кај Сали Мостот.
Христина била ќерка на Веле Бакало Дејановиќ. Тој имал своја бакалница во Чифте фурни и бил малку побогат човек. Во една пригода, Христина се вљубила во некое момче што работело во администрација. Меѓутоа, кога разбрал татко ѝ, тој ѝ рекол дека за да биде среќна во иднина, треба да бара момче занаетчија, кој ќе ѝ донесе сигурност во животот на семејството. Таа го послушала својот татко и после неколку години се омажила за Мијал Налбато.
Некаде во периодот меѓу двете светски војни, Мијал собрал доволно средства и ја купил куќата од претходниот сопственик. Тогаш и официјално куќата станала негова. За време на окупацијата во Втората светска војна, во неа, на катот, бил сместен германски офицер. Бил тивок, педантен и секогаш чист и често му носел храна на семејството коешто живеело заедно со него.
Веднаш по ослободувањето, Мијал Налбато починал од туберкулоза на 50-годишна возраст. По неговата смрт се губи и трагата на ова семејство, а „Бродот“ останал сам и, иако е малку подзаборавен, сепак и ден-денес го украсува кејот на реката Драгор.
Сподели: Facebook Twitter