Куќата на Шимон Аруести
Куќата на Шимон Аруести
Куќата на Шимон Аруести

Куќата на Шимон Аруести

Градска Прошетка 329 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Шимон Аруести е уште еден дел од еврејското наследство во градот Битола. Таа се наоѓа во некогашната населба Ла Табана, меѓу Градскиот пазар и „Трите убавици“, поточно на улица „Св. Прохор Пчињски“ бр. 10.
Куќата била изградена во 1922 година од Шимон Аруести, кој со своето семејство ја користеле само во летниот период. Шимон инаку живеел во една од поголемите куќи во еврејското маало Лус Куртижус, кое се наоѓало позади денешниот Дом за народно здравје попознат како Уредот.
Во 1943 година, поради лошите политички услови, но и претчуствувајќи го лошиот период за еврејскиот народ во овие предели, Шимон заедно со неговото семејство, се преселил во Албанија. Со помош на фурнаџијата Темелко успеал да ја премине границата и во Албанија фамилијата Аруести останале до 1948 година. Во тој период во оваа куќа не живеел никој.
Кога Шимон се вратил во Битола тој бил без пари. Затоа, одлучил да го продаде цел свој имот и да замине во Ерусалим. Тогаш, оваа куќа ја купиле млад брачен пар од Битола, Милица и Вангел Алтипармакови, кои дотогаш со своите деца живееле под кирија во соседството. Оваа куќа Милица и Вангел ја платиле во жолтици т.е. наполеони. Шимон, со цел да не бидат откриени и запленети на границата на тогашна Југославија, парите ги скрил во домашно месен и печен леб и успеал да излезе од државата без проблем.
Радоста на младиот брачен пар Алтипармакови во нивната нова куќа не траела долго, бидејќи во 1954 година објектот бил одземен поради тогашниот закон за национализација на имот во Југославија. За да останат да живеат во неа, тие морале да плаќаат кирија. Неколку години таа кирија ја делеле и со други кираџии, кои доаѓале да живеат од другите делови на Југославија во Битола. Тоа траело сѐ до 2007 година, кога со законот за денационализација куќата беше вратена повторно во сопственост на Милица Алтипармакова, која истата година и почина.
Објектот има многу интересна фасада. Куќата е декорирана со розети, пиластри и профилации околу прозорците. Нејзиниот влез е раскошен и е во вид на портал на кој посебно се истакнува Давидовата ѕвезда. Во куќата е зачувано и дел од еврејското наследство кое Шимон го оставил заедно со куќата, како лустерите и стар ѕиден часовник.
Сподели: Facebook Twitter