Кино Манаки
Кино Манаки
Кино Манаки

Кино Манаки

Градска Прошетка 422 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Киното „Манаки“ било изградено од страна на браќата Милтон и Јанаки Манаки покрај Широк Сокак, во близина на местото на денешното реконструирано кино. Во него биле прикажувани проекции на неми филмови, од кои голем дел биле снимени и од основачите на киното, браќата Манаки.
Во 1921 година, и покрај финансиските проблеми со кои се соочувале, браќата купиле дворно место на Широк Сокак со намера да изградат киносала и да го основаат киното „Манаки“. Во пролетта 1922 година започнала изградбата на објектот. Проектот за новата кинозграда бил едноставен, но уште при самата градба се срушиле два ѕида, што создало нови финансиски тешкотии за браќата Манаки, кои веќе ги имале потрошено сите свои пари. Со кредит од Хипотекарната банка и влог од новите партнери Коста Чому и Димитрие Георгиевски, успеале да го завршат објектот и да ја набават потребната опрема за функционирање на киното.
На почетокот работата се одвивала нормално и биле правени иновативни напори за привлекување на публиката. Со текот на времето, бројот на посетители на кинопроекциите почнал да се намалува, така што во 1925 година го довело во прашање рентабилното работење. Набргу се повлекле и партнерските сопственици и во 1927 година киното останало во целосна сопственост на браќата Манаки, кои веќе биле финансиски истрошени и со големи долгови.
Во периодот од 1928-1930 година прилепчанецот Ристо Зерде, филмски артист по професија, го зел киното под наем и на почетокот успеал малку да ја подобри работата, но сепак не биле постигнати посакуваните резултати. Поради нередовното исплатување на ануитетите кон Хипотекарната банка, финансиските проблеми на браќата Манаки станувале сѐ поголеми и во 1933 година бил објавен стечај на киното со што банката го добила правото да располага со него. Во 1937 година киното под наем повторно го презел Ристо Зерде, кој со Хипотекарната банка склучил договор на 10 години со обрска да ја реновира зградата и да ја модернизира опремата. На почетокот работите полека се подобрувале, но во 1939 година објектот бил зафатен од пожар при што изгорел до темел. Долговите на сите доверители биле покриени од добиеното осигурување, но најголеми губитници биле браќата Манаки кои претходно имале продадено добар дел од својот наследен имот за да го изградат киното.
Во киносалата имало вкупно 373 седишта. Седиштата се наоѓале на приземјето (во партерот) и на првиот кат (на балконот). Пред нив стоело проекционото платно. Денешното кино „Манаки“ е модерна копија на оригиналното и е нов објект на културата во Битола.
Сподели: Facebook Twitter