Француски гробишта
Француски гробишта
Француски гробишта
Француски гробишта

Француски гробишта

Знаменитости 683 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Француските воени гробишта во Битола (Bitola Cimetière Militaire Français) се најголемите воени гробишта во Р.С.Македонија, со 6128 идентификувани и повеќе од 7000 неидентификувани француски војници. Подигнати биле од страна на Франција во спомен на паднатите француски војници на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна во Битола и околината.
Бројот на француски војници кои биле стационирани во Битола и Битолско а време на Првата светска војна, бил околу 100.000. Голем дел од нив потекнувале и од земјите на тогашните француски колонии, па така во Битола често маршираа војници од Виетнам, Сенегал, Алжир и од други африкански и азиски држави.
Идејата за формирањето на француските гробишта дошла веднаш по Војната. Бил формиран централен комитет во Париз, кој бил задолжен да го организира и спроведе собирањето на остатоците од француските војници и да воспостави локација на воени гробишта на подрачјето каде дејствувала француската армија. Посебна тежина имал процесот на наоѓање и идентификување на остатоците на загинатите војници, кои биле закопани на голем број различни локации. Притоа, особено помогнало локалното население и прецизната француска воена документација.
Ископаните остатоци биле собирани во вреќи, специјално импрегнирани за таа намена и сместени во одделни дрвени кутии, кои биле пренесувани на новите гробишта во североисточниот дел од Битола веднаш до патот за Новаци. Над секој гроб бил ставен метален крст со француски триколор и основни податоци за војникот: име, број на единица, место на раѓање и кога бил убиен. Над гробовите на муслиманските војници (мобилизирани од колонијалните земји на Франција), наместо крст, гробовите се обележани со исламски религиозен симбол.
Церемонијата на официјалното отворање на гробиштата се одржала на 15. септември 1923 година, како потсетник за денот и месецот, кога во 1918 година на локалитетот „Добро Поле“ започна офанзивата во која силите на Антантата ја пробија линијата на Македонскиот фронт. На северната страна од гробиштата е подигнат и Меморијален музеј, по повод 100 години од крајот на Првата светска војна. Истиот претставува спомен обележје за загинатите француски војници и за македонското цивилно население кое настрадало за време на војната.
Во меморијалниот музеј е прикажан животот на војниците и населението за време на Војната, преку фотографии од браќа Манаки. Исто така во музејот има и кукли на кои се прикажани војници и нивните животни приказни, лични педмети, а особено интересна е релјефната мапа на која е прикажан Македонскиот фронт.
Сподели: Facebook Twitter