Хотел „Балкан“
Хотел „Балкан“
Хотел „Балкан“

Хотел „Балкан“

Градска Прошетка 427 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Хотелот „Балкан”, познат и како пивница „Балкан“, се наоѓа на бул. „Први Мај“ бр. 288, покрај десната страна на реката Драгор, пред влезот на Старата чаршија. Во негова близина се аптеката на Ахил, џамијата Хаџи Махмуд-беј и училштето „Св. Кирил и Методиј“. Градбата е позната и како хотелот на Тиро Рогозинаро и хотелот „Загреб“.
Објектот го изградил Тодор Здравков кој потекнувал од Церско, во близина на Кичево. Градбата била изградена на почетокот на 20 век, со два ката и визби и приземни простории. Има цврста градба, со руски свод и фасадни елементи слични на другите битолски куќи од тоа време. На катовите се наоѓале хотелските соби, а најгоре живеел Тодор со неговото семејство.
Како и секоја друга пивница на почетокот на 20 век, така и во подрумот на пивницата „Балкан“, некогаш се чувале буриња со пиво и со други видови алкохол. Во подрумот исто така се чувал и мраз што тогаш бил произведуван и носен од селата Ореово и Злокуќани.
Брзо по неговата изградба, хотелот служел како собиралиште на македонските војводи. Забележана била средба меѓу војводите Алексо Стефанов, Павел Христов и Васил Свештаро, која се случила по влегувањето на српските војски во градот, во 1912 година. За време на Првата светска војна врз хотелот паднала бомба, но за среќа не експлодирала.
Кога хотелиерството паднало во криза, „Балкан“, станува пивница, со меана и ресторан. До хотелот се произведувале и продавале рогозини и поради тоа, следниот сопственик на „Балкан“, Сотир Здравков (синот на Тодор), станал познат како Тиро Рогозинаро. Тиро бил еден од првите битолчани што поседувале автомобил.
За време на бугарската окупација во Втората светска војна, објектот бил познат како хотел „Загреб“. Во 1943 година, по капитулацијата на Италија, тука биле сместени италијански заробеници, а потоа и партизанската чета. Подоцна го користеле и бегалци од Егејска Македонија. Во првите години по Втората светска војн,а хотелот бил национализиран. Денес, иако објектот е заштитен од државата со закон, сепак е во многу лоша состојба.
Сподели: Facebook Twitter