Манастир Св. Ѓорги - Велушина
Манастир Св. Ѓорги - Велушина
Манастир Св. Ѓорги - Велушина

Манастир Св. Ѓорги - Велушина

Цркви и Манастири 293 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Mанастирот „Свети Ѓорѓи“ е православен манастир во близина на битолското село Велушина. Административно му припаѓа на Преспанско-пелагониската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Комплексот се наоѓа на 2 км западно од селото Велушина и на 15 км на југ од Битола. Тој е на едно возвишување од каде што се гледа целиот јужен дел од Пелагониската Котлина, а до него води тесен асфалтен пат, кој започнува од селото Велушина.
Во комплексот се влегува низ големата манастирска порта, вклопена во приземниот дел на конакот, изграден јужно од црквата. Храмот „Св. Ѓорѓи“ претставува релативно мала трикорабна градба, поставена кон средината на манастирскиот двор. Од југоисточниот агол, црквата е надвишена со камбанаријата изведена од делкан камен. Во наосот се влегува низ тремовите од јужната и западната страна. Според натписот исклесан над западниот влез, градбата била подигната во 1839 година.
Над јужниот влез, во внатрешноста на храмот, постои опширен натпис во кој се внесени важни податоци поврзани со сликањето на црквата. Во натписот се испишани сите оние кои помогнале да се наслика овој свет храм. Се јавува и годината 1848, како година на изработката на живописот. Живописот бил дело на Јован Зограф. Во насликаната програма, во долниот појас, Јован Зограф ја поставил галеријата на стоечки светители во цел раст. Во горните партии се сцените со претставите на „Христовиот живот и страдања“. Заслужува внимание илустрирањето на сцени од детството и Успението на Света Богородица како и од поетската композиција позната како „Акатистот на Богородица“. На темето од полукружниот свод се поставени во медалјони допојасните претстави на Св. Јован Крстител, малиот Исус обележан како Емануил, како и Христос Пантократор или Седржител. Над иконостасот претставено е Светото Тројство и тоа: Господ Саваот, Исус Христос и Светиот Дух.
Стилот на Јован Зограф е импресивен. На многу места успешно ги соединува традиционалната поствизантиска иконографија и новите решенија инспирирани од западната уметност, кои продираат на нашиве простори веќе од втората половина на XVIII век. Неговите композиции, како што се на пример сцените од „Христовиот живот“ или од „Акатистот на Св. Богородица“, се исполнети со многу учесници, изнесени во еден раскажувачки стил, со многу детали.
Сподели: Facebook Twitter

Локација

Види на мапа