Стариот Српски Конзулат
Стариот Српски Конзулат
Стариот Српски Конзулат

Стариот Српски Конзулат

Градска Прошетка 433 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Објектот на некогашниот Српски конзулат е лоциран на улицата „Кирил и Методиј“ бр. 18, во близина на денешната Градска библиотека. Објектот бил изграден на крајот на XIX век и е составен од визба, приземје и кат. Неговата фасада е декорирана со пиластри, венци и симетрично поставени прозорски отвори.
Во 1887 година била потпишана конзуларна конвенција меѓу Србија и Османлиската Империја, според која Србија добила право да отвори свои конзулати во Солун, Скопје и Битола. Првиот српски конзуларен претставник во Битола бил Димитрија Боди, кој на должност стапил во 1888 година. Прва задача на српската пропаганда била да се формираат општини и српски училишта, бидејќи Србија прилично заостанувала од Грција и Бугарија по тоа прашање. Поради стремежот за освојување на терен и сфери на влијание, и покрај нивните спогодби, меѓу конзулите од соседните балкански земји се водела постојана борба.
Во 1895 година со српскиот конзулат раководел Милојко М. Веселиновиќ, а во наредната 1896 година, М. М. Василевиќ. Во годините пред Илинденското востание Михајло Г. Ристиќ, со своите извештаи до неговите претпоставени во Белград, давал исцрпни податоци за Востанието од повеќе реони во Битолскиот револуционерен округ. Ристиќ исто така соработувал со грчкиот конзул Пезас со кој направиле таен договор за поделба на влијанијата во Македонија, истовремено прогласувајќи ја бугарската сфера на влијание за непријателска.
По заминувањето на Ристиќ, од декември 1903 година за нов конзул во Битола бил назначен Светозар Станоевиќ, кој на таа должност останал до крајот на 1906 година. По отповикот на Станоевиќ, од 1907 до 1908 година српските интереси ги застапувал вицеконзулот Сава Томиќ, а од февруари 1908 година должноста му ја предал на конзулот Љубомир Михајловиќ. До 1912 година се вршат тајни спогодби меѓу Бугарија, Грција и Србија за војна против Турција и во тоа меѓусебно договарање значајно место имал и српскиот конзул во Битола.
Денес, објектот на некогашниот Српски конзулат е напуштен и е во многу лоша состојба.
Сподели: Facebook Twitter