Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”-Битола се состои од два дела, архитектонски со крајно различен дизајн и од два различни периода. Меѓутоа, тоа претставува една интересна целина во која се зближани две градби, кои меѓусебе, пак, се оддалечени сто години. Универзитетската библиотека е карактеристичен пример на кој јасно може да се воочи разликата меѓу архитектурата од крајот на XIX век и архитектурата од крајот на XX век.
Стариот објект од зградата претставува споменик на културата. Објектот е изграден кон крајот на XIX век од познатата фамилија Пиника и на почетокот служел како Грчка женска гимназија. По Првата светска војна тој бил подарен на црквата како објект во склоп на службените простории на Богословијата. По Втората светска војна пак, тука било сместено хируршкото одделение на некогашната Стара болница. Во 1971 година, болницата престанала со работа, а кон крајот на 1973 и почетокот на 1974 година се извршила преселба на Библиотеката во новите адаптирани простории во објектот.
Во 1913 година, на овој објект, кој бил составен од високо приземје, бил дограден и кат. Според своите стилски карактеристики, објектот е претставник на електицизмот, со хармоничен и симетричен низ на отвори, како и карактеристични застаклени еркерни испусти на северната фасада. Објектот по катови е поделен со богати хоризонтални венци, додека второстепената пластика е застапена и околу сите отвори на фасадата. Во приземјето, цоклето е од делкан камен. Правецот на носиви ѕидови е назначен во вид на столбови од второстепена пластика, кои на приземјето се од делкан камен, за на катовите да премине во различно профилирана пластика од фасаден малтер.
Во 70-тите започнала и доградбата на новиот дел на Библиотеката. Во 1974 година веќе била покриена новата градба. Изграбата на овој дел траела повеќе години и била проследена со безброј тешкотии, но сепак, благодарение на одредени библиотечни работници, објектот бил дограден и опремен за работа во него. Официјално бил пуштен во употреба есента 1982 година, со што Библиотеката го добила потребниот модерен простор за нејзино функционирање. Новиот влез во библиотеката се наоѓа на дваесетина метри северно од стариот влез, во кој се влегува преку десетина скали со две одморалишта обложени со мермер.
Денеска Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Битола е современа културна институција со книжен фонд од околу 600.000 книги и бројни списанија.