Спомен куќата на Гоце Делчев
Спомен куќата на Гоце Делчев
Спомен куќата на Гоце Делчев

Спомен куќата на Гоце Делчев

Градска Прошетка 428 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Спомен музејот посветен на великанот на македонското ослободително движење, Гоце Делчев, се наоѓа на улица „Стевче Патако“ бр.11 во Битола. Повод за отворањето на овој музеј бил престојот на Гоце Делчев во 1901 година во овој објект. Главната негова цел при овој престој била да се сретне со својот сакан другар и соработник Даме Груев, основоположникот на ТМОРО, кој во овој период се наоѓал во Битолскиот централен затвор.
На почетокот на 20 век, во оваа куќа живеел Михаил Ракиџиев, кој исто така бил револиционер и бил еден од членовите на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ.
Во 1987-1988 година била извршена темелна реконструкција на објектот и бил изработен елаборатот за отварање на спомен куќата. По повод 85-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, на 4 мај 1988 година, свечено била промовирана постојаната музејска поставка. Поставката, со вкупна површина од околу 37 метри квадратни, содржи две изложбени простории.
Во првата просторија е сместена содржината „За животот и револуционерната дејност на првоапостолот на македонското ослободително дело”. Во оваа соба, како континуитет на Гоцевата револуционерна дејност, со бројни документи и фотографии, прикажана е состојбата и настаните во Битолскиот револуционерен округ за време на Илинденското востание. Од бројните експонати, во оваа поставка значајно место зазема револверот подарен од Гоце Делчев на сопственикот на куќата, Михаил Ракиџиев. Во просторијата изложен е и вез од ситна монистра во разни бои, со претстава на еленче што пие вода. Овој вез бил изработен во 1905 година и бил исто така посветен и подарен на Михаил Ракиџиев од револуционерите кои заедно лежеле со него во Централниот битолски затвор. Во составот на поставката, во соодветна просторија, поставена е витрина со симболите на револуционерната заклетва на Организацијата, како и оружје од илинденскиот период.
Втората просторија е собата во која престојувал Гоце Делчев и во која се одржувале состаноците. Во неа задржан е ентериерот во амбиентална оригинална состојба.
Сподели: Facebook Twitter