Kуќата на Топаловци
Kуќата на Топаловци
Kуќата на Топаловци

Kуќата на Топаловци

Градска Прошетка 397 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Куќата на Топаловци е една убава куќа со карактеристична сина фасада, лоцирана на местото кај некогашниот Камен мост, на аголот каде што се поврзуваат Широк сокак и улицата „Солунска“. Куќата ја изградил Вело Топал Гигов, дебарски трговец и абаџија, познат по тоа што тргувал со народни носии изработени од неговите мајстори.
Вело Топал Гигов бил роден во 1835 година во Дебар, во семејство кое работело со трговија на говедски кожи и опинци. Вело се издвојувал меѓу сите свои браќа и сестри со итарина, храброст и интелигеницја уште како мал. Тој го завршил своето образование во Солун и почнал да се занимава со трговија на кожи и жито и со абаџиски занает. Имал свои мајстори и калфи кои изработувале срмени елеци, бечви, долами и други делови од корпусот на народните носии.
Благодарение на својот абаџиски бизнис, Вело Топал бргу се збогатил. Најчесто тргувал на релацијата Дебар, Цариград, Битола, а во една прилика носии продавал и во Виена. Патувањата на тие долги релации се одвивале со денови и тоа со многу коњи, голем товар и обезбедување, составено од вооружени вешти и храбри луѓе. Негови доживотни „платеници“ биле неговите најдобри другари, албанските браќа Манјани. Браќата Абе, Суљо и Сало потекнувале од селото Омеже во Албанија, во близина на Дебар и дале заклетва дека верно и доживотно ќе му служат на Вело Топал.
Успешната трговија и приходите од народните носии, му овозможиле на Вело, покрај имотите што ги имал во градот Дебар и околината, да купи и два дуќани во Безистенот во Битола во 1880 година и голем чифлик во село Бистрица во периодот од 1881 до 1882 година. Во тој период ја изградил и неговата куќа на Широк сокак. Голем дел од парите што ги заработувал ги донирал за изградба на цркви и манастири.
Во текот на наредните години, Вело Топал Гигов добивал закани од османлиските власти, но започнале и кавги со претставници на Грчката патријаршија. Поради тоа, бил изнајмен платен убиец кој имал задача да го убие Вело Топал. Таа задача му припаднала на Албанецот Љам Сумо кој го убил Вело во 1892 година, во момент кога не бил заштитен од своите побратими Манјани. Меѓутоа, на денот на погребот, браќата Манјани го нашле Сумо и му се одмаздиле, отсекувајќи му ја главата.
По смртта на Вело Топал Гигов, голем дел од неговото семејство се преселило во Битола и живеело во оваа куќа.
Сподели: Facebook Twitter