На плоштадот Магнолија, на аголот лево од Магазата, се наоѓа куќата на фамилијата Асео. Тие биле познати по тоа што биле првите трговци со луксузни автомобили во Битола и едни од првите сопственици на бензинска пумпа во градот.
Израел Асео бил Евреин, роден во 1896 година во Солун. За време на периодот меѓу двете светски војни тој бил еден од најголемите и најугледните трговци во Битола. Се занимавал со продажба на автомобили и делови за автомобили. Освен што бил првиот продавач на луксузни авомобили во Битола, тој тргувал и со товарни возила. Неговата фамилија ја држела водечката позиција за продажба на луксузни автомобили и делови за нив. Тие имале свои претставништва и во Солун и во Белград.
Израел Асео бил застапник на фирмата „Шел“ и бил сопственик на првата бензиска пумпа на оваа компанија во Битола. Пумпата се наоѓала баш пред неговата куќа и истата имала и автомат за мерење бензин. Израел бил оженет за Жули Асео, со која имале една ќерка Рашела. Само Израел, Жули и Рашела живееле во овој објект, но се случувало во него да престојуваат и други членови од фамилијата Асео, како и странски претставници од петролејската компанија „Шел“.
Семејството спокојно живеело во својата куќа сѐ до 1943 година. Тогаш, Израел, Жули и Рашела Асео биле протерани од својот дом и биле депортирани во Треблинка, од каде никогаш не се вратиле. Дел од другите членови на фамилијата Асео некако ја преживеале Втората светска војна. Некои од нив успеале да останат во Солун и Белград, некои се преселиле и во Скопје, но повеќето заминале во Израел.
По војната, куќата била национализирана. Меѓутоа, таа за брзо била купена од Гавро Пановски, партизан во НОБ. Кога се преселил во куќата на Асео, Гавро пронашол неколку стотина гуми во нејзината внатрешност, кои ги продал и заработил повеќе од сумата која ја исплатил за куќата. Гавро Пановски почина во 2014 година, а куќата беше продадена од неговата фамилија. Денес, во нејзиното приземје е сместена аптеката „Зегин“, а во нејзиниот кат се наоѓаат апартмани и приватни соби „Викторија“.