Ајдар Кади Џамија
Ајдар Кади Џамија
Ајдар Кади Џамија
Ајдар Кади Џамија

Ајдар Кади Џамија

Градска Прошетка 336 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Ајдар Кади џамијата, наречена и Гази Хајдар Кади, се наоѓа меѓу училиштето „Тодор Ангелевски“ и Дебој Амам. Тука во османлискиот период постоело маало наречено Кара Оглан.
Џамијата била изградена во 1565 година од страна на Гази Хајдар Кади-ефенди. Хајдар Кади бил османлиски воен херој кој бил назначен за судија (кадија) во Битола. Тој во близина на џамијата изградил и куќи, анови и дуќани. Подоцна џамијата добила и своја медреса. Во патописите на Евлија Челебија, тој ја опишува Хајдар Кади џамијата како „монументална уметност“.
Џамијата претставува најимпресивната градба изградена во класичен отомански стил во Битола. Молитвениот простор е со димензии 11х11 метри, а над него се наоѓа куполата која е поставена на дванаесетаголен тамбур. Џамијата е висока 20 метри. Нејзините ѕидови се дебели до 1,50 метри и се изградени од спој од камен и тули во „опус клоазоне“.
Ајдар Кади требало да биде единствената џамија во Битола со две минариња. Меѓутоа, таа околу 100 години стоеше без ниту едно. Едното минаре имало база со слична градба како и џамијата (спој од камен и тули) и истото постоеше до Првата светска војна, кога било погодено од граната од топ. Другото минаре пак, било започнато да се гради кога се градела џамијата, но никогаш не се завршило и останала само неговата база.
Внатрешноста на џамијата е осветлена, благодарение на големиот број на прозорци. Молитвениот простор е декориран со сталактити по аглите со тромпи. Махвилот и минбарот биле уништени, а останал само штуко-декорираниот михраб, со пет реда сталактити. На северната страна, џамијата има трем со три куполи, кој се потпира на четири столба. Над портата, влезот е декориран со сталактитна декорација и натпис, изработени од малтер и мермер.
Џамијата била ремек-дело на познатиот отомански архитект Мимар Синан. Тој бил познат како „Микеланџело од Блискиот Исток“, поради грандиозноста на Сулејмановата џамија во Истанбул и Селимовата џамија во Едрене, кои исто така биле негови дела. Долго време Хајдар Кади џамијата била позната како „Принцеза на Балканот“, прекар кој го задржала се до Првата светска војна.
По Војната, џамијата сто години била уништувана и оштетувана. Конечно, во 2014 година беше започната реставрација на градбата. Внатрешноста и нејзиниот двор беа богато украсени, а џамијата Ајдар Кади доби ново минаре. Така таа повторно стана една „Балканска принцеза“.
Сподели: Facebook Twitter