Исљахане
Исљахане
Исљахане
Исљахане

Исљахане

Градска Прошетка 368 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Млинот „Драгор“ претставува првата парна мелница во градот Битола. Објектот е познат и како млинот на Исмаил-паша или млинот „Жито Битола“. Нејзината изградба го означува почетокот на мелничката индустрија во градот. Се наоѓа на јужниот влез на Битола, наспроти „Исљахането“ и во близина на Градскиот парк и Железничката станица.
Исмаил-паша бил богат турски бег и индустријалец, кој се занимавал со производство и трговија со брашно. Во Битола ја изградил првата мелница со машини на парен погон некаде во периодот од крајот на XIX и почетокот на XX век. Таа работела со 6 ваљаци и имала дневно производство на 10-15 тони мелено брашно. Парната мелница на Исмаил-паша работела до 1908 година, кога најверојатно ја продал на други заинтересирани индустријалци.
За време на Првата светска војна млинот бил тешко оштетен. Во меѓувоениот период нејзини сопственици биле „Београдска уједињена банка”, а потоа и „Хрватска банка – Загреб“. Во 1934 година ја откупил лесковачкиот индустријалец Таса Тасиќ, кој ја проширил и ја опремил мелницата со нови машини. Пред Втората светска војна, мелницата „Драгор“ работела на моторен погон со саугас-мотор со 220 кс, но дневно се произведувало околу три тони брашно.
По ослободувањето овој млин станал дел од ЗИК „Пелагонија“, го добил името „Жито Битола“ и ја продолжил својата дејност. „Жито Битола“ опстојуваше и успешно функционираше до 2007 година, кога претпијатието влезе во стечај и објектот стана под хипотека на македонски банки. Од 2019 година објектот е во приватна сопственост на „Ангро маркет – механизација“. Тогаш се обнови производството на брашно и пекарски производи и млинот дневно произведуваше до 100 тони брашно. Во 2022 година објектот беше зафатен од пожар кој предизвика големи оштетувања, особено во внатрешноста на млинот. За среќа, фасадата денес е целосно обновена.
Млинот „Драгор“ се простира на површина од 5 261 метар квадратен. Изграден е на правоголна основа со неколку ката. Има скромно декорирана фасада во западноевропски стил. Најкарактеристични се жолтата боја на фасадата и кафеавите декоративни елементи околу прозорците, изведени со испад на тула, како и декоративните елементи по рабовите од зградата. Интересно е тоа што овој објект од почетокот, па сè до денес, опстојува и се употребува како млин.
Сподели: Facebook Twitter