Tумбе Кафе
Tумбе Кафе
Tумбе Кафе

Tумбе Кафе

Градска Прошетка 469 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Тумбе-кафе се наоѓа на јужната страна на градот Битола. Тоа е мал рид, со највисока точка на надморска височина од 744 метри. Денес e едно од омилените места на битолчани за спорт и рекреација.
Тумбе-кафе, урбано почнало да се уредува во времето на валијата Абдул Керим-паша, во периодот од 1895 до 1901 година, кога тој во Битола изградил повеќе стратегиски објекти. По доаѓањето на Абдул Керим-паша како валија во Битола, тој наредил да се изгради големиот парк, односно градското шеталиште што води до Тумбе-кафе, а на најпогодната височинка биле поставени столици за одмор. Јавните власти низ историјата често го менувале името на ритчето Тумбе-кафе, па така во 1918 година за време на Кралството СХС, тогашните власти одлучуваат да го прекрстат во Александрово брдо (според кралот Александар Караѓорѓевиќ), а одлуката е засведочена со снимен материјал од браќата Манаки.
Во поранешна СФРЈ, Тумбе-кафе било наречено Титово брдо и било со јасно дефинирана зона, поделена на територија за забава и рекреација, и армиска територија. Зоната за забава и рекреација била таму каде што денес се наоѓаат Зоолошката градина и остатоците од старата кафеана. Армиската територија, пак, била со стражарски објекти, ровови и подземни тунели, но и голем воен радар, за да ги следи прелетите на авиони и други движења во пограничната зона. Најголемиот број напуштени објекти од втората зона и ден денес можат да се видат на Тумбе-кафе. Бујната вегетација на ридот сè уште крие тајни од Првата и Втората светска војна.
Денес Тумбе-кафе е една целина од неколку знаменитости. Тука се наоѓа веќе споменатата Зоолошка градина и голем број остатоци од некогашната ЈНА, меѓу кои и лежиштето на радарот и „Авионите“. На Тумбе-кафе се наоѓа и „Џепането“, поранешниот угостителски објект кој ден-денес се распаѓа и летната сцена „Театарчето“. Во близина на ридот се наоѓа градскиот стадион „Петар Милошевски“ (кој до 2021 година беше нарекуван „Тумбе-кафе“, „Олимпискиот базен“, античкиот град Хераклеја Линкестис, Српските гробишта од Првата светска војна, Водопадот на Сива Вода (познат и како „Хераклејскиот водопад“ итн.
Сподели: Facebook Twitter