Саат-кула
Саат-кула
Саат-кула
Саат-кула

Саат-кула

Градска Прошетка 423 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Саат-кулата е една од најпрепознатливите знаменитости и најпосетените локации во Битола. Нејзиниот прекрасно уреден парк е место каде што постојано се собираат жителите на градот, но и место што е често посетено и од страна на туристите.
Постоењето на Саат-кулата се споменува уште од 17 век. Не се знае точно кога била изградена, а првпат се забележува постоење на ваква кула во 1664 година, во времето на Махмуд-бег. Според легендата, кулата била изградена кога отоманските власти од градот поминале низ сите околни села и собрале околу 60 000 јајца, од коишто направиле малтер. Малтерот го искомбинирале со камења и ја изградиле кулата чии цврсти ѕидови стојат и денес неоштетени.
Саат-кулата има основа во облик на квадрат и е висока околу 32 метра. На врвот на кулата има тераси со ковани огради и на четирите страни се наоѓаат конструкции што држат светилки, со чија помош целата кула и нејзиниот часовник се видливи и ноќе. Главниот и воедно најдекоративниот дел од Саат-кулата го сочинува местото каде се поставени бројчаниците, и тоа, од сите четири страни по еден. Влезот во Саат-кулата е со големи мермерни блокови и се наоѓа на северната страна, а стотина скалила водат до нејзиниот часовник.
Во минатото, пред Саат-кулата да има „вистински“ часовник, времето го означувале само големите метални ѕвона. До 1912 година, Саат-кулата времето го кажувала по „а ла турка“, односно часовите се одбројувале од моментот на заоѓањето на сонцето. По 1912 година воведено е „а ла франга“, односно современо сметање на времето. Во 1927 година е поставен првиот бројчаник и часовнички механизам изработен од германската компанија „Конфаге“. Првиот бројчаник бил бел со црни броеви и стрелки и бил помал од сегашниот. Овој часовнички механизам бил заменет и обновен во 1936 година како знак на благодарност за изградбата на Спомен гробницата на германските војници загинати во Првата светска војна.
Во 1962 година механизмот е повторно обновен, а во 1970 година е поставена и клавијатура за изведба на нови композиции. Оваа Саат-кула е една од вкупно стоосумдесетте саат-кули во светот во која бил вграден ваков механизам. Во текот на обновата од 2009 година, бил обновен и самиот часовнички механизам, а во обновувањето помогнале и германски стручњаци. Со репарацијата на механизмот се изгубила песната „Таму ле мајко, близу Битола“, посветена на народниот херој Таки Даскало, која со децении била отчукувана во одредено време. По промената на механизмот, останала да се слуша само песната „Битола мој роден крај“ на Ајри Демировски.
Сподели: Facebook Twitter