Во близина на Саат-кулата, на почетокот на улицата „Стерјо Ѓоргиев“ во Битола, се наоѓа една куќа со розова боја и со специфичен триаголник над влезната порта. Тоа е куќата на познатиот битолски музичар Димитри Лала. Димитри своите клавирски знаења ги стекнал како ученик на познатите музички великани Рихард Вагнер и Франц Лист.
Димитри Лала бил роден во 1848 година во Магарево, во влашка фамилија со потекло од Грција. Се школувал во Солун, Атина, како и низ европските метрополи Женева, Виена и Минхен. Во 1870 година се запознал со големиот германски композитор Рихард Вагнер и во 1876 година станал негов асистент во театарот во баварското гратче Бајројт.
Се смета и дека Вагнер престојувал во Битола три дена во 1878 година кај семејството Лала, баш во оваа куќа. Кога дошол, како благодарност за гостопримството, им ја подарил својата биста. Меѓутоа, можно е тоа да не се случило, па самиот Лала можеби ја имал донесено од Бајројт.
По смртта на Рихард Вагнер, Димитри продолжил да работи како диригент во Салцбург, Атина и Цариград, за на крај да заврши како учител по пијано во Солун. Тој стекнал слава со детски песни. Негова најпозната композиција била „Македонски марш“ („Makedonikos Paian“), која во 1906 година во Атина била изведена од армискиот хор под водство на познатиот Јосиф Кесарис. Димитри Лала и понатаму пишувал и други композиции, но голем дел од нив останале недовршени. Починал во Битола во 1911 година од колера.
Во 1917 година неговото семејство, со цел да го спаси неговото творештво од ужасот на Првата светска војна, ги испратило неговите дела по брод во Италија. За жал, бродот бил потопен од германска подморница. Биле спасени само музички текстови од предавања и некои хорски песни како „Шартруз“ („Die Karthause“) и „Ермитаж“ („The Hermitage“).
Наследството на Лала, во форма на мебел, порцелан, кујнски прибор од барок и рустик, албуми и часовници, неговата наследничка Катерина, и покрај великодушни понуди на заинтересирани колекционери од светот, му ја продала на градот во 2006 година. Голем дел од покуќнината денес е изложена во НУ „Завод и музеј“ – Битола: германската машина за пишување марка „Stoewer Record“, австриската музичка кутија „Полифон“ со панорама кон виенската шума и многу други.