Куќата на Бомболот се наоѓа во близина на Саат-кулата, на улица „Цар Самоил“ бр. 11. Иако не е многу раскошна и украсена, сепак таа е една од поубавите градби во овој дел од центарот на градот.
Сопственик на куќата бил Данаил Бомбол, чие семејство живеело тука уште од почетокот на 20 век. Данаил бил член на богатата прилепска фамилија Бомболовци. Најстарите податоци за семејството датираат уште од 1788 година, кога се јавуваат како донатори на манастирот Трескавец. Нивното потекло не е познато, но се претпоставува дека дошле во Прилеп, или од Мариовско или од Крушевско.
Данаил бил роден во 1880 година во Прилеп. Тој бил син на Коста Бомбол, кој бил убиен во ан, во некогашниот битолски Пекмез пазар. Данаил завршил машински оддел на Технички факултет во Белгија во 1905 година. По завршувањето на студиите се вратил во Македонија, со цел да работи во својот роден крај. Во тоа време, во Македонија постоела само една машинска компанија којашто работела на железничките пруги. Како стручни лица биле вработувани главно француски инженери и затоа Данаил бил неколку пати одбиван.
Отако се уверил дека нема да најде работа во Македонија, Данаил се вратил во Белгија и до 1908 година успеал да заврши и градежна насока на истиот факултет. Истата година повторно се вратил на Балканот, но се вработил во железничка компанија во Бугарија. Оттаму, пак, заминал во Цариград, а од Цариград завршил на работа во Бурса, во компанија која ги градела тамошните патишта. Во 1911 година, како главен инженер, ја проектирал браната на реката Нилуфер, во близината на Бурса.
Во Битола се преселил најверојатно по Првата светска војна. Во својата куќа, за којашто не се знае дали тој ја изградил, Данаил Бомбол поседувал и приватна библиотека. Неговата жена се викала Тесалија, а нивниот син Михаил, електро-инженер по професија, бил декан на Техничкиот факултет во Битола. Данаил починал во Битола во 1965 година.
Објектот бил национализиран по Втората светска војна и во него живееле неколку семејства. Меѓутоа Бомболовци, набрзо успеале да си ја вратат куќата, така што нивните поколенија живеат во неа и ден-денес.