Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ е една од најкарактеристичните и најпосетувани културни знаменитости во градот Битола. Се наоѓа на Широк сокак, во близина на НУ „Центар за култура“ и со нејзината висока камбанарија доминира над останатите градби во овој дел од градот.
За формирањето на црквата најзаслужни биле Лазаристите. Лазаристичката мисија, позната и како Винсентската мисија, била основана од Свети Винко Паулски во 1624 година. Св. Винко бил француски католички свештеник, кој тогаш работел како капелан на богатата фирентинска фамилија Гонди. Своите служби ги одржувал пред сиромашните и пред робовите и сфатил дека двата главни проблеми на црквата во Франција во тоа време се ниското ниво на образование и религиозност меѓу најсиромашните. Решавањето на овие проблеми станала основна задача на неговиот католички ред.
Во Османлиската Империја, Лазаристите се појавиле во 1776 година во Истанбул. Нивната идеја била ширење на католичката вера меѓу сиромашното православно население на Балканот. Во Македонија тие се појавуваат во средината на XIX век и основаат мисии во Солун и во Битола.
Основач на парохијата во Битола бил Жан-Жозеф Лепавек, кој во 1857 година го купил хотелот „Локанда“ на Широк сокак. Во објектот тој изградил мал параклис и на Велигден, истата година, била одржана првата Божествена литургија. Со текот на времето католичкиот параклис бил постојано обновуван и надоградуван.
На оваа локација, во 1870 година, никнала првата католичка црква во градот. Таа била изградена во барокен стил, но за жал настрадала во пожар во 1900 година. На нејзино место во 1909 година била подигната денешната црква „Пресвето Срце Исусово“. Бил основан и црковен хор и лазаристичка школа, чија настава се одвивала на француски јазик.
Новиот католички храм бил проектиран од француски архитект и бил изграден во неоготски стил. Камбанаријата била подигната во периодот од 1938 до 1940 година како подарок од словенечки верници. Главната олтарна трпеза била изработена од костеново дрво во готски стил, во Минхен, Германија, а останатите, две помали, биле во неоготски француски стил. Поновиот инвентар, меѓу кои и амвонот, биле изработени во 1975 година од ореово дрво, од страна на копаничарот Ѓорѓи Караџов.
Денес Католичката црква продолжува да им служи на нејзините верници од градот и од регионот и стои како една од главните и најубави туристички атракции во Битола.