Средновековната Црква кај локалитетот „Кале“

Цркви и Манастири 339 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Средновековната црква на локалитетот Кале, некогаш била голема црква, која се извишувала на ридот над населбите Девеани и Бадембалари. Погрешно е именувана како црквата „Пресвета Богородица“ или црквата „Свети Апостоли“, бидејќи сѐ уште немаме точни податоци за тоа на кого била посветена. Од објектот денес се останати само неговите темели, врз кои се базираат сегашните претпоставки за големината и изгледот на оваа црква.
Црквениот објект е со димензии 23 х 20 метри и има форма на впишан рамнокрак крст со нартекс. На источната страна има три апсиди, кои одвнатре се полукружни, а однадвор двете помали се тристрани, а централната (олтарната) е петстрана. Северно и јужно од олтарниот простор има два анекса, кои најверојатно биле параклиси. Црквата имала две кули кои се наоѓаат југозападно и северозападно од нартексот. Се претпоставува дека јужната кула била камбанарија, а северната бил простор за скалила од каде се стигнувало до горните партии на објектот, односно до катната галерија.
Објектот бил изграден целосно, во една фаза. Ѕидовите се од речен, кршен камен и тули, споени со варов малтер. Во изградбата се забележува и употреба на бигор и мермер. За жал, иако е зачувана основата на објектот, сепак нема никакви траги од подот на црквата.
Масивноста на ѕидовите, како и основата, даваат можност да се претпостави дека овој објект е еден од постарите типови на петкуполни цркви во Македонија. Според досегашните сознанија, оваа црква датира од X и почетокот на XI век. Храмот најверојатно бил насилно разурнат и никогаш не бил обновен.
Според локални легенди, црквата била изградена како симбол на победата на Самуил по Битката кај Трајановата порта во август 986 година. Имено, царот Самуил го поразил царот Василиј II и во таа чест наредил да се изгради оваа црква во Битола. Поради тоа што битката се одвивала во месец август, неколку дена пред христијанскиот празник Голема Богородица, Самуил решил црквата да ја посвети на Успението на Пресвета Богородица.
Според друга легенда, црквата ја изградил внукот на Самуил, царот Јован Владислав, за време на неговата обнова на градот Битола во 1015-1016 година. Тој го обновувал градот со помош и со молитвите на Пресвета Богородица и застопувањето на Врховните Апостоли и затоа објектот се споменува како црква посветена и на Светите Апостоли.
За жал, сите овие информации преставуваат претпоставки, базирани само врз денешните остатоци од црквата и локалните легенди и преданија во врска со нејзината изградба и патрон.
Сподели: Facebook Twitter