Кркардаш, односно црквата посветена на Светите четириесет севастиски маченици, е едно од попознатите места во градот и се наоѓа на северниот дел на Битола, над населбата Баир. Претставува една од најатрактивните локации, бидејќи се наоѓа на високо место од каде што се гледа целиот град. Меѓутоа, Кркардаш својата најголема посетеност ја доживува за време на празникот Младенци (22 март), кога се слави споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера.
Зборот „кркардаш“ е од турско потекло и доаѓа од изразот kırk kardeşi, што значи „четириесет браќа“. Не се знае кога точно се појавил овој топоним, но точно се знае дека денот 22 март го слават и некои муслимани како „Нефруз“, односно „Нов ден“. Според тоа, денот на пролетната рамноденица бил, на некој начин, подеднакво прославуван и од христијанското и од муслиманското население во Битола. Најверојатно, побројните христијани им ја наметнале приказната за Четириесетте маченици на муслиманското население и можеби така настанал зборот „кркардаш“.
Изградбата на црквата „Св. Четириесет маченици“ на Кркардаш се поврзува со една легенда, која претставува битолска верзија на приказната за Светите маченици од Севастија. Според неа, на ова место се случила жестока битка меѓу локалното население и освојувачката османлиска војска. Османлиската војска во текот на 1382-1383 година, во тешки и крвави борби, наспроти силниот отпор на локалното население, успеала да ја освои Битола. Едно место каде што отпорот бил особено жесток, била тврдината којашто ја бранеле „четириесетте браќа”. Од почит кон нивната храброст, народот тоа место го завикало Кркардаш и во нивни спомен ја подигнало црквата „Св. Четириесет маченици“.
Црквата е мала по димензии, истата е петкуполна и има триконхална основа со нартекс. Фасадата на нартексот е декориран со три лака, од кои централниот е наголем. Од куполите, централната е најголема, а другите четири околу неа се помали и еднакви. Сите пет куполи се тркалезни.
Интересно е што со зборот „кркардаш“ се означуваат три нешта во Битола: празникот Младенци, црквата „Св. Четириесет севастиски маченици“ и местото на кое што се наоѓа таа црква.