Солунска Банка
Солунска Банка
Солунска Банка

Солунска Банка

Градска Прошетка 382 прегледи

Аудио водич

0:00 0:00
Објектот на некогашната „Солунска банка“ се наоѓа покрај денешниот плоштад „Магнолија“, меѓу објектот на „Југопластика“ (последниот Руски конзулат, затворен 2022 година) и продавницата „Свети Промет“ (попозната кај битолчани како „Кај Мара“). Градбата некогаш била во склоп со Пекмез пазар, односно на извонредно место за трговски и банкарски зделки.
Во 1893 година, „Солунската банка“ отворила филијала во Битола и вршела пренос на пари со чекови за странство и трговски кредити. Со својата политика ги истиснала локалните лихвари, бидејќи давала многу поволни услуги, со кои задоволувала голем дел од локалните барања и потреби.
Во 1920 година во објектот на „Солунската банка“ е основана „Битолската банка“ како акционерско друштво. Акциите ги држеле битолчани, но во 1930 година, во времето на Големата економска криза, западнале во многу големи долгови. Поради тоа, во 1932 година, Министерството за трговија започнало со ликвидација на „Битолската банка“.
Во периодот до 1945 година, во објектот била сместена гостилницата „Гурман“ на Кирил Костов. По ослободувањето, до 1949 година тука работело новооснованото хотелско-угостителско претпријатие „Хунап“. Извесен период во зградата престојувал Народниот музеј на битолскиот крај, кој бил преселен во 1952 година. Тогаш зградата ја добила старата намена во која била седиштето на „Комунално-инвестициска банка“ и од 1965 година просториите ги користи „Геобиро“ за геолошки и рударски истражувања.
По напуштањето на просторот од страна на „Геобиро“, објектот работел како кафе бар и ноќен клуб „Ал Хамбра“, а во 90-тите години им се враќа на вистинските сопственици кои и ден денеска ја продаваат.
Од архитектонски аспект, нејзината фасада е стилски доста интересно решена и му припаѓа на неокласицизмот со разни штуко апликации (гирланди, акантусови лисја, школки), атик со столбови, а има и елементи на југендистил. На фасадата исто така бил откриен и натпис, кој до 1983 година бил покриен со малтер. При конзервација што се одвивала таа година, малтерот бил отстранет и повторно се појавил натписот, каде што на турски, со арапско писмо, пишува „Селаник Акбаре Банкаси“ („Солунска банка“).
Сподели: Facebook Twitter